*Рецензијата содржи детали од филмот и е најдобро да биде прочитана по гледањето на филмот.
– Шабнам оди во Иран следната недела. Дали ти треба нешто?
–Не праќај ми ништо. Плакарите ми се полни убава облека што ми ја имаш испратено. Не можам да ја носам. Каде би ја носела?
– Носи ја низ дома.
Така привршува телефонскиот видео-разговор меѓу Махин, 70-годишна вдовица што живее во Техеран, и ќерка си која последните 20 години е отселена од Иран. Махин живее сама, Махин се буди напладне бидејќи не може да заспие навечер, туку само кога ќе се раздени, Махин ги полева цвеќињата во нејзината градина, а приквечер гледа љубовни сапуници на телевизија додека плете, живеејќи го истиот ден со години.
Таа внимателно се грижи за средениот дом во кој од време на време ги пречекува пријателките на вечера. Разговорите им се секогаш исти, за староста, болестите и починатите сопрузи. „Мажите се бескорисни!“ вели една од жените за време на една од вечерите кога некоја од нив ѝ сугерира на Махин да си најде „пријател“ после 30 години живеење сама. „Само ќе седеше и ќе ѝ наредуваше. Кога ќе се разболеше, таа ќе требаше да се грижи за него! Триесет години беше медицинска сестра, зар не е доволно?“. Генијалноста на филмот надѕира уште тука, во суптилниот и бистар хумор што ќе се провлекува низ текот на целата приказна и ќе го тера гледачот будно да учествува во нарацијата. Од покажувањето на снимките од колоноскопијата додека јадат, до подарувањето апарат за мерење притисок за роденденот на Махин, жените го користат хуморот низ целата интеракција која, всушност, е суптилен, но прогресивен проглас за како женското, и воопшто, старото тело е перцепирано, особено во строго-контролирана околина како Иран.
Но Махин, иако без да си признае до крај, сака да го промени нејзиниот дневен распоред заглавен во ѕидовите од домот и се впушта во потрага по маж, но главно – се впушта во потрага на слобода што знае дека ѝ следува да ја вкуси. Нејзината желба за да ја ужива слободната волја, иако не е експлицитно кажана, е видлива на нејзиното експресивно, живо лице, во начинот на кој зборува, и во начинот на кој реагира. Незаборавен е кадарот кога, барајќи мажи во паркот, наидува на млада девојка која е присилена од т.н. „полиција за морал“ да влезе во полициското комбе за несоодветно носење на хиџабот. „Зарем ќе ја убиете поради неколку прамени коса?“, без никаква задршка прашува Махин и во сплетот на околности успева да ја спаси девојката, која во само наредниот момент ѝ вели на својата спасителка дека на нејзина возраст барем не треба да биде толку засегната од ваквиот сексизам, коментар поради кој Махин не може да ја прикрие фрустрацијата на нејзиниот лик.
Субверзивноста во филмот е слоевита и честопати е меѓу редови, но присутна е во секоја сцена, замаскирана во едноставни и непретенциозни дијалози помеѓу луѓе кои на дневно ниво се незабележани. Субверзивноста веројатно кулминира кога во ресторанот за пензионери, кадешто Махин го користи нејзиниот купон за оброк, го забележува Фарамарз, скромен, пристоен човек на нејзина возраст, кој подоцна дознаваме дека е самец кој вози такси и секој ден доаѓа да јаде оброк во ресторанот за пензионери. Махин го наоѓа седиштето на такси компанијата и организира да се враќа дома со него, започнувајќи разговор чија отвореност најпрво го збунува пензионираниот воен ветеран, но со секоја идна реченица сѐ повеќе го скокотка и го опушта. Махин го кани да дојде во нејзиниот дом и следните неколку сцени, за мене, како гледач, беа култно, наградувачко и незаборавно емотивно искуство кое, со сигурност, долго ќе го носам со себе.
Актерите ги прикажуваат нивните ликови со речиси магнетизирачка леснотија и автентничност која ретко може да се посведочи, а јас се почувстував како да сум присутна во собите со нив, следејќи го во живо преносот на магијата која се надградуваше и пумпаше сѐ повеќе во секој иден момент. Дали е возможно да биде волку лесно? Се прашував во секоја новоразменета реченица меѓу нив. Протагонистите изгледаа како целиот живот да го чекале токму овој момент на заедничкото среќавање во топлиот дом на Махин, и од минута во минута нивните дијалози не се продлабочуваа, туку напротив, стануваа детинести, сонливи и сѐ поедноставни. „Не ти е страв од смртта?“ во еден момент прашува Махин, додека се сладат со овошјето во кујната. „Не. Но се плашам да умрам сам.“ вели Фарамарз, за само неколку секунди подоцна разговорот да се преточи во заеднички планови за правење домашно вино во убавата градина на Махин. Во овие моменти, за нив не важеа никакви правила, не им беше важно дали некој ѕирка низ завесите, дали љубопитната сосетка или полицијата за морал. Ова беше најдобриот ден во нивниот живот и постоеа само тие двајца.
Уживав во овие разговори додека двајцата заљубени пензионери се налеваа со црвеното вино кое очигледно беше чувано само за посебни прилики. Ова беше секоја нивна посебна прилика. Во овие неколку часа додека траеше тајната средба, тие ги прославија сите годишници, родендени и патувања кои никогаш не ги искусиле заедно. Уживав во пресоблекувањето на Махин, облекувањето на фустаните кои дотогаш ги чуваше во шкафот, начинот на кој внимателно се шминкаше, моментите во градината. Имав чувство како да изградија цел живот во само една средба, сакајќи да надокнадат за изгубеното време. “Како не ме пронајде порано?“ прашува во еден момент Фарамарз. Реченица која не може да не ви остави грутка дури и додека слатко се смеете на 70-и-нешто годишните заљубени деца на екранот кои еуфорично јадат, пијат, танцуваат, пејат, па дури и се тушираат заедно (додека се облечени).
Сцената со тушот е маестрално прикажување на интимното измивање на целата ранливост, несигурност, невидливост и осаменост таложени врз две стари тела кои однатре не носат само потреба да бидат видливи, туку носат оган, сензуалност и потреба да посакуваат и да бидат посакувани. Сензуалноста се препознава дури и во изборот за торта на Махин која е со цветови од портокал.
Дали е возможно да биде волку лесно? Ќе се прашате сигурно и вие. Одговорот е сместен во само 15 минути во крајот од филмот. Без разлика како ќе го доживеете крајот, овој филм со сигурност ќе остави и блага и горчлива нота во вашата уста, споени во залак што гарантирано нема да се заборави. Некогаш, тоа е и повеќе од доволно.
Иранската влада им забрани на режисерите на филмот, Мерјам Могадам и Бехташ Санаеха, да присуствуваат на светската премиера на „Мојата омилена торта“ на Берниеналето во Германија во февруари. Режисерите велат дека сега им била ставена нова забрана за патување од страна на иранските власти, што ги спречило да присуствуваат на премиерата на филмот во Шведска. Филмот наиде на бурни реакции во Иран бидејќи вклучува, меѓудругото, сцени на жена која не носи хиџаб и луѓе кои пијат алкохол и танцуваат.