По неколку месеци пауза, конечно повторно сум тука – назад на блогот! Среќна сум што повторно пишувам, а можеби токму тоа чувство на возбуда доаѓа и од големата промена што ја доживеав во меѓувреме. Да, се преселив!
За самата преселба немам нешто многу за раскажување (иако беше авантура сама по себе), но затоа уредувањето на новиот дом е нешто за кое имам многу да споделам. Баш сакам тука да си ги бележам деталите од процесот на уредувањето секогаш кога ќе најдам малку време за себе. Како на пример ова последно августовско попладне.
Одлучив да почнам со кујната – просторот кој прв се среди и кој, според мене, сега е најкомплетен. Секако, секогаш ќе има ситни детали што недостигаат (и веројатно никогаш нема да биде „скроз готова“), но може да се каже дека овој простор е најзаокружен од сите досега.
Кујната, како и целата идеја за овој наш дом, ми е инспирирана од мешавина на неколку стилови. Ми се чини дека најмногу влече инспирација од cottagecore естетиката – но конкретно онаа топла, романтична, домашна атмосфера од филмовите што сум ги гледала во раните 2000-ти. Зборувам за Father of the Bride, You’ve Got Mail, The Holiday, па и секако куќата на Лорелај и Рори во Gilmore Girls, а во поново време куќата во Parenthood.
Куќите во тие филмови и серии секогаш ми изгледале светли, топли и исполнети со живот, најмногу бидејќи не се работи за стерилни простори, туку вистински „домови“, со многу природна светлина, дрво, книги, цвеќиња и ситни сентиментални детали. Тоа ми беа и надежта и желбата, да успеам барем делумно да го пренесам тоа чувство и во моето секојдневие.
Всушност, кујната од Parenthood е најголемиот „виновник“ за мојата првична желба кујната да биде во зеленкаста/ментол нијанса, но на крајот сепак се одлучив за крем/жолто, нијанса на путер. (:
За ова можам да зборувам бескрајно! Но сега ќе сопрам и ќе започнам со споделување фотографии и понекој збор за кујната. Се надевам дека ќе ви биде пријатно!
Ова е мојот moodboard, или, дигитално пано со идеи што ги собирав пред да одлучам каква да биде кујната. Се разбира дека имам МНОГУ повеќе фотографии, но сега ги собрав тука оние најважните. Според мене, moodboard-от е навистина корисен кога уредуваме простор, затоа што на едно место ги концентрира сите визуелни идеи како: бои, материјали, стилови, текстури и детали. Многу помага за да создадеме кохерентна слика за тоа како сакаме да изгледа една соба, без да се загубиме во мноштвото различни идеи што на крај можат и да нѐ изморат. Освен тоа, кога ќе видиме како елементите се вклопуваат едни со други на moodboard-от, полесно е да знаеме дали нешто ќе функционира или не во реалноста. Пред сѐ, мене ми е многу забавно да правам вакви колажи, но кога немам баш ентузијазам или време за нив, доволно ми е да имам албум со идеи на Pinterest.Ова се дел од елементите кои беа купени за кујната. Елементите природно се надополнуваа едни со други и несвесно ми кажуваа каков стил да изберам за следното купено парче или декорација. Ако треба да го опишам со еден збор, мислам дека сите новитети во кујната најдобро се поврзуваат со рустичниот стил.НАЈвозбудливо ми беше кога ги видов првите пристигнати елементи. 🙂Тука веќе добив претстава како ќе изгледа кујната и едвај чекав да ја видам целосно завршена. На почетокот идејата ми беше да ги менувам плочките, односно да лепиме нови, или, за поевтина варијанта, да ставам „лажни“ плочки што се лепат. Но, на крајот решив да ги послушам советите и да ги задржам старите, што се покажа како паметна одлука бидејќи додаваат карактер и супер се вклопуваат со остатокот од стилот.Потоа пристигна и фурната со ринглите.И садоперот!Веќе кога дојде и чешмата, со многу мерак си ги средував чиниите во висачите.Еве ги одблизу и рачките кои ги одбрав и кои многу ги сакам.Веќе од овој момент почнав да додавам ситни детали, кои за мене се подеднакво важни како големите елементи, бидејќи преку нив најмногу можам да внесам личен печат во просторот. Најмногу сакам кога просторот го украсувам со винтиџ елементи, па тоа не е исклучок ниту тука. Многу од нив се и несовршени и потскршени, но мене тоа не ми е нешто многу важно и секогаш им наоѓам функција.Овде веќе пристигна и „шанкчето“, уште еден простор за складирање и дополнителна работна површина, која истовремено ја дели кујната од трпезаријата и додава функционален, ама и визуелен шарм на просторот.
Се надевам дека ви се допадна оваа објава! Јас обожавам да гледам блогови и влогови за уредување на дом, па си помислив дека можеби ваква содржина ќе допре до некој со слични интереси. 🙂
Кујната сè уште има простор за дополнување, како што споменав, но во моментов сум многу среќна со неа. Како и досега, така и понатаму сакам секое парче да биде избрано со умисла и вистинска желба.
Доколку имате прашања за тоа кој ја изработувал, или од каде сум купила одредени парчиња, секогаш можете да ми пишете коментар подолу, или порака на Инстаграм за приватен разговор. Прегратка!
1 thought on “Нов дом, нови почетоци. Кујната е тука!”
Simona Paunova
Топла, мека и нежна кујна како твојата душа, Мони! Се восхитувам на твојата умешност во уредувањето и комплетното пренесување на твојот „носталгично“ концепт во секој елемент од просторот. Убаво ми дојде по подолго време да ти го отворам блогот, бидејќи твоето раскажување е вистинско уживање <3
И јас имам кујна за уредување на село и кога добив висока понуда за изработка во рустичен стил, малку ме одврати од намерата, но сега кога ги гледам твоите слики, убедена сум дека нема да згрешам 🙂 Овде или на инстаграм може ако сакаш да ми споделиш од каде ти се купени елементите, за нивната цена и достава.
Топла, мека и нежна кујна како твојата душа, Мони! Се восхитувам на твојата умешност во уредувањето и комплетното пренесување на твојот „носталгично“ концепт во секој елемент од просторот. Убаво ми дојде по подолго време да ти го отворам блогот, бидејќи твоето раскажување е вистинско уживање <3
И јас имам кујна за уредување на село и кога добив висока понуда за изработка во рустичен стил, малку ме одврати од намерата, но сега кога ги гледам твоите слики, убедена сум дека нема да згрешам 🙂 Овде или на инстаграм може ако сакаш да ми споделиш од каде ти се купени елементите, за нивната цена и достава.