Јуни и јули во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен) Втор дел

И еве го вториот дел од објавата. Искрено, овојпат се изгубив во галеријата. (: Едвај ги селектирав фотографиите кои сакам да ги споделам бидејќи имаше толку многу. Но, неколку часа (дена?) подоцна – еве сме тука. Земете си кафе или чајче и опуштете се.

Она што заборавив во минатата објава (односно во првиот дел) е оваа детелинка со четири листа која ја најдов првиот ден во Загреб! Зошто толку возбуда? Затоа што ова ми е првпат во животот да најдам детелина со четири листа, а верувајте – сум се трудела да пронајдам. Ова се случи додека се упатувавме кон сместувањето. Ја лоцирав во одење. (: Ја зачував помеѓу страниците на некоја книга. Којзнае, можеби таа ми донесе волку убаво и среќно лето? Добро, веројатно не, ама…којзнае?
За многу кратко време од Загреб пристигнавме во Љубљана, кај Д. на гости.
Не седевме многу денови, но беа супер исполнети. Станувавме рано, јас пиев кафе на балконот, правевме доручек и се спремавме за прошетка.
Пешачевме долго, уживавме во градбите, атмосферата, тезгите, продавничките. Секако дека се воодушевивме и од зеленилото, но фотографиите од паркчињата ми се во камерата, а не во галеријата во телефонот. Доколку имам шанса многу би сакала да ги споделам и нив тука.
Јас во патувањата ја сакам едноставноста, неоптовареноста. Сакам да ги посетам значајните точки на едно место, се разбира, но често ми е доволно само некаде да седнам и да набљудувам. Да ги впијам и „незначајните“ случувања и приказни околу.
Едно претпладне Д. нè однесе на езерце и си поминав толку супер! Земавме некој чипс, неколку лименки, крема и отидовме. Уживав и по патот натака гледајќи во природата. Сакам кога се бањам во езеро. Мислам дека не е тешко да се заклучи дека не сум голем љубител на пливање, но навистина ми е убаво кога сум во вода, на мој начин. (:
Фала, убава, логична, зелена, компактна Љубљана! Фала Д. и Н. за друштвото и прошетките.
Ги земавме нашите 1000 куфери, и еден автобус и еден воз подоцна – стигнавме во Австрија. Патувањето беше навистина кратко.
После само некој час – пристигнавме! Пораката на влезната врата е од мојата најкреативна внука. (:
Во ова рајско место пристигнавме точно на зајдисонце, така што – беше краток, но навистина убав прв ден.
Пред да си легнеме, направивме кратка прошетка во близина. Секогаш се воодушевувам од мирот на ова место. Воздухот кој не те гуши, тишината која е прекршена само со звук од некое животно, од бескрајното зеленило кое е на секој чекор, од тоа колку е чисто, едноставно, функционално. За мене – престојувањето во вакво место е вистински луксуз.
Од тука имам толку многу фотографии во камерата… се надевам дека еден убав ден ќе бидат објавени и тие. Сепак се надевам дека уживате и во оваа прошетка со мене, иако е низ галеријата во телефонот.
Првото кафе рано наутро со овој поглед е бесценето. Го чувствувам свежиот воздух само преку фотографиите.
Активности надвор, активности внатре. <3
Славевме и роденден!
Одмарање надвор
Одмарање внатре.
Милион нијанси на сино и зелено…
…и резерви мир за накај дома.
А назад во Скопје веднаш долетав во Моки и наредните денови ми беа исполнети со нешто што изгледаше како бесконечно чистење и средување.
Но секој ден просторот изгледаше поблиску и поблиску до тоа што си го имав замислено, така што цел умор не му можеше ништо на ова задоволство. <3
Одмаравме, бевме на кино
Готвевме
Ја догледав Young Royals и се заљубив во серијата. Гледав влогови кога можев.
Средував дома.
Сфатив колку пораснала Монстерата и многу се израдував!
Пакував и испраќав.
Купив поголеми и помали работи што искрено ме исполнуваат.
Пронајдов бесценети богатства и им дадов нега и љубов.
Имав три пишани и две снимени интервјуа. Секое ми значи многу. Секоја љубопитност за мојата работа ми значи многу.
Интервју за ПОРТРЕТ
– Интервју за Скопје Инфо
Преведов песна на која наидов случајно и многу ми се допадна.
Најслушан артист овие месеци ми беше Noah Kahan, а песнава ја преслушав илјада пати.

Тука некаде доаѓа крајот на оваа објава. Беше малку подолга, но се надевам дека тоа не ви пречеше.
А вие, како го поминувате летото? Секогаш може да ми оставите коментар. <3
Прегратка,
М.

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top