Јуни и јули во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен) Прв дел

Ах, никако да седнам и да ја почнам оваа објава. Доцни многу, знам, но сепак гледам овие објави да не ги правам поради притисокот дека морам да ги средам на предвидена дата, туку сакам да уживам во нив, да им се посветам кога навистина можам и имам желба, или подобро кажано – кога имам услови, бидејќи желба имам речиси секогаш.
Работата е што, ова лето зафати насоки нетипични за мојот живот на лето. Обично мојата неколку месечна летна сага може да се сумира во една реченица: I have done nothing all summer but wait for myself to be myself again – извадок од писмо на уметницата Џорџија О’Киф што не е воопшто далеку од одговорот што го давам кога некој ќе ме праша како ми поминува летото. Добро, мојот одговор не е толку поетичен и обично се движи од: Ништо. Чекам да дојде есен, до драматичното: Преживувам. Но, оваа година, зачудувачки, оваа реченица (барем засега) не е релевантна за мене. Всушност, во ова лето имав повеќе активности отколку било кој друг месец во годинава. Како што кажав – зачудувачки!

Сето ова, во главно, се должи на мојата старо-нова страст и љубов кон винтиџ (и општо) стари предмети. Страста и љубовта се стари, но Носталгично е ново. Почна само од мај, а јас се чувствувам како да го имам толку долго, да не речам – отсекогаш. Задоволството што го чувствувам при работата е едноставно неспоредливо поголемо од трудот што го вложувам (а тој е значително голем, искрено).
Моки и Носталгично се љубови на мојот живот и е неверојатно колку се комплементарни едно со друго, без разлика што се два различни проекти.
Искрено, одамна не сум ја почувствувала оваа среќа што ја чувствувам кога работам со Носталгично. Тоа ми е, меѓу другото, шанса за да излезе од мене еден друг дел од креативноста што ја имам, што можеби беше затскриен. Навистина многу долго не сум била сигурна во нешто како во посветеноста кон Носталгично. Последен пат тоа чувство сум го имала со Моки.
Има една работа која многу ја сакам на лето, а тоа се прекрасните зајдисонца што ги шараат ѕидовите и предметите во домот. Со секое зајдисонце се чувствувам како нешто да се променило во собата, како да се истакнува неговата убавина под оваа светлина.
На почетокот од јуни бев во Битола. На фотографијата е овековечен еден од многуте моменти кои ги користев за да се релаксирам со влогови за thrift shopping (пазарење на старо). (:
Во Битола немам многу активности освен прошетки, пробување храна или долги разговори додека јадеме благо на Широк Сокак со Б.
Не се жалам. <3
Назад во Скопје ме чекаше Моки што веќе почнуваше да се реновира. Не се промени многу, но мојата желба беше повеќе да ги нема циглите од внатрешниот дел и од фасадата, но тоа секако дека отвори многу работа. Се надевав дека што побрзо оваа фотографија ќе ја користам како „before/пред“ фотографија, па во моментов кога го пишувам ова навистина е така. (:
Останува уште малку работа, односно ставањето лепенка со лого на излогот.
Јееееееееее!
Толку се внесов во работата со продавницата и се посветив на промените таму, што дури се борев и со најнеподносливото сонце за да бидам таму порано и да правам планови како сакам да изгледа овој мој простор кој за мене е повеќе од дуќан.
Skopje Pride, ден пред да заминуваме на летното патување.
Тоа се состоеше од посета на Хрватска-Словенија-Австрија, и бев мнооогу возбудена за тоа од повеќе причини. Толку долго немав мрднато од Скопје-Битола што на ова патување гледав како на патување околу светот и сакав максимално да уживам во тоа. Да ги издишам тешките моменти од почетокот на годинава, но и од претходно.
За оваа фотографија погоре, што да кажам освен: Да живее слободната љубов засекогаш!
Спремни за првата дестинација: Загреб и INmusic Festival! Аххх, имав чест повторно да ги слушам The National – мојата главна причина за фестивалот, па додека стигнеме таму таа мисла ме водеше најмногу.
Од концертот немам многу фотографии, имам само видеа кои од време на време си ги гледам и кои ме прават многу емотивна. The National ги слушав сама со себе, безразлика на големата публика, затоа што мојата врска со нивната музика е интимна. Овој бенд бил тука за мене и во тешко, во потешко, и во лесно. Музиката спасува… уметноста, воопшто, спасува.
Фестивалот во целина беше супер. Слушнав многу музичари кои имав голема желба да ги слушнам, како Hozier (фантастичен концерт), Bombay Bicycle Club, Idem, Cura i dečko…
Чао, чао, Загреб, приказната продолжува во Љубљана!

Толку беше од првиот дел од оваа моја месечна објава. Се надевам дека ќе бидете тука и за вториот, кој ќе биде доста подолг.
<
3 M.

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top