Не живеам и не сакам да живеам за и во минатото, но сакам кога се потсетувам на него создавајќи некаков омаж на времето кое никогаш нема да се врати. Си мислам дека треба да се биде внимателен при навраќањето во минатото, бидејќи кога се забораваме во сеќавањата тие знаат да заземат форма која им ја дизајнира нашата моментална потреба да не бидеме овде и сега, кадешто сме. Како да лежиме на трева гледајќи во облак чија форма со сила сакаме да ни заличи на желка или змеј, а не сакаме да признаеме дека најчесто тоа е само обичен облак и ништо повеќе. Сакам да кажам дека и носталгичноста е вид лага која си ја кажуваме на себе, а е неопходна како другите лаги што си ги кажуваме секое утро за да можеме да функционираме – како на пример таа дека светот е добро место.

Мојата наклонетост кон носталгичноста се должи на тоа што ми дава претстава дека, иако не можам да го контролирам текот на времето, можам барем накратко да пропатувам низ него одејќи напред, но гледајќи истовремено во она позади мене – чувство што го имам кога седнувам на автобуско седиште кое е поставено спротивно од насоката во која се движиме. Клучниот збор тука е „накратко“, нешто што го учам секој ден, разликата помеѓу посетувањето и останувањето некаде или во нешто. Не би сакала да ја испуштам станицата кадешто треба да се симнам, а носталгичноста може ти да го направи тоа.
Фасцинирана сум од шансата и зачудувачка ми е можноста во секојдневието да најдам преносници на заборавени секвенци од минатото. Кога минувам покрај нечиј отворен прозорец од куќа или зграда и ќе го почувствувам мирисот на манџа – одеднаш се враќам од училиште и негодувам кога ќе дознам дека тоа ќе биде нашиот денешен ручек. Кога во некој од креденците ќе ги видам здиплени плетените чаршафи или миленца од жените во моето семејство се потсеќам дека кога бев мала ми беше смешно што ги гледав насекаде кај мојата баба, не само во кујната, туку и на масичката под будилникот, на радиото, на телевизорот, каде и да се завртев. Кога пешачам на летните горештини и стапнувам на тротоар испрскан со црево и од нечиј двор ќе ми допатува мирис на свежо исечена лубеница се потсетувам на летните распусти кога во пладнињата сакав да гледам телевизија во соба пред вентилаторот, а моите ме викаа собрани во дворот за да седиме заедно.

Овие преносници, материјални или не, ме носат до фактичката историја на мојот живот, до некој толку обичен, секојдневен, својствен миг, што добил значење дури сега, после толку години. Овие мигови добиваат толку голема димензија бидејќи ваква, каква што сум сега, ги поврзувам со безгрижноста, слободата и игривоста во детството кои за среќа ги имав на претек, без да бидам којзнае колку свесна за тоа. Обичноста на мојата историја се акумулира во обичноста на мојата сегашност која ја нема истата безгрижност, слобода и игривост, па мојот (не)свесен копнеж по нив ги трансформира овие спомени во романтизиран недостиг, и ги прави поголеми од што можеби навистина беа.
Големи или не, овие нешта останале со мене. Сега сум свесна дека тоа биле моите први погледи кон светот, па токму затоа ги доживувам како светост. Често се фаќам себеси како немирот ми се намалува кога станот ми мириса на манџа, како сакам да ја прекријам трпезариската маса со бел плетен чаршаф од баба ми, како посакувам да имам двор во кој на лето ќе јадам лубеница откако ќе се изморам од прскањето со црево.

Не сакам да живеам за и во минатото, но им дозволувам престој на нештата што ги пронаоѓам од минатото. Гримасите од моите предци што ги пронаоѓам на моето лице, прстите што ме потсетуваат на нечии туѓи, мирисите на обичните викенди во домот, телото што ми наликува на некој што го сакам, смислата за хумор што потсетува на некој што го сакам, спомените од чаршафите за маса кои всушност се конци на историјата, од пресечената лубеница која всушност беше симбол на споделувањето љубов и грижа, од мирисот на зготвената храна која всушност беше повторлива заштитеност и сигурност. На моите сеќавања им дозволувам престој во мене. Тоа се моите обични облаци што ги сакам.

Не мислам дека минатото нѐ дефинира, ние не сме нашите мината, но делови од нив, убави или тешки, остануваат тука некаде и се појавуваат во облик што не знаеме каков ќе биде – дали ќе биде облик на исплетено миленце или на нерезолвирана траума. Наша задача е да научиме како ќе ги примиме и испратиме тие појави, и секогаш во процесот да го одбираме подолгиот пат, на кој нема вдлабнати мали стапалки од кога ние бевме деца.
*Насловот на овој текст е преземен стих од поемата Ностос на Луиз Глик
Голем дел од времето се чувствувам како во текстот. Понекогаш си мислам дека сум заглавена во минатото и упорно барам истите моменти да се повторат заборавајќи да уживам во сегашноста и да создадам светла иднина. Упорно ѕиркам во дететството преиспитувајќи си ги постапките тогаш за да сфатам која сум сега. Твојот текст е рефлексија на една сериозно длабока носталгија и жед за работите кои не’ правеле искрено среќни во било кој дел од минатото. Тоа е малце застрашувачки бидејќи во тоа нуркање доаѓаат мисли дека никогаш веќе тоа нема да го почувствуваме и тука работи законот на привлекувањето. Носталгија-меч со две острици.
Сепак текстот многу ми се допаѓа и некои параграфи ги читам по неколку пати(ахх даа..така е) ❤💐
Драга Радмила,
ти благодарам што го прочита текстот и што го сподели твоето гледиште на темата!
Се согласувам дека носталгијата е комплексна работа, па токму затоа се обидов во исто време да ја де-романтизирам и да ја опишам како место/простор кој само треба од време на време да се посетува, но не и да се векува во него. Таа пракса дури и ми помага сега, кога веќе сум свесна за мојата и општата минливост (за која не сум била свесна во детството) да разберам колку е сегашноста важна, затоа што и за неа ќе пишуваме еден ден, затоа што и таа ќе стане минато. Затоа се трудам да бидам колку што можам поприсутна во сегашноста, во секој ден, да бидам будна, да имам отворени очи и, колку и да е некогаш тешко, да гледам мали и едноставни нешта во светот околу мене со воодушевување како да сум дете, па дури и новороденче. 🙂
Смирувачко текстче 🤍🌿
Драго ми е што така ти делувало Ана! <3