Мај во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)

Малку доцнам со новиот месечен блог, но навистина немав услови да седнам и да го напишам на раат и без притисок. Прво и основно навистина немам време (реченица што отсекогаш ми била една од понесаканите) поради работа, а и последниве денови не се чувствував/м добро физички. Не сум сигурна дали беше некаков вирус или е на база на стрес, па искрено се надевам дека е првата причина, затоа што би се загрижила ако е втората. Како и да е, може да започнеме.

Ова е мојата моментална ситуација.
Гледав да ги завршам (скоро) сите понеинтересни обврски сабајлечки за сега да можам да седам, да си слушам Radio Paradise (најдоброто радио на светот) воедно и реновирањето на станот под мене (што трае веќе втора недела) и секако, да ја започнам оваа месечна објава.

На фотографијата може да се забележи чајче наместо кафе, што кај мене се случува поретко, но гледам малку да намалам на кафе периодов поради грчење во стомакот.
Како што реков, се надевам дека не е од стрес поради многу обврски, бидејќи не сум човек што го романтизира преработувањево, но морам да признаам дека месецов работев повеќе од обично. Тоа го забележав и во галеријата во телефонот која ќе ја видите подолу.
Не знам, веројатно има и такви периоди.

Можеби е и затоа што во втората половина од овој месец повеќе ќе одмарам и шетам, па потсвесно сакам да завршам некои работи со време – или само не сакам да си признам дека некогаш немам мерка. Којзнае.
Месецот ми започна, а и ми заврши со цртање персонализирани илустрации. Нешто што одзема прилично многу време – но уживам да го правам.
За Велигден практикувам само еден начин на фарбање јајца – по природен пат.
Последните 3 години тоа го правам со лушпи од кромид (обичен и црвен). Постапката е многу лесна: Во вода се вријат лушпите од кромид 20ина минути и во истото тенџере се додаваат јајца кои се варат заедно со лушпите. Претходно на јајцата се ставаат тревки па се обвиткуваат во тенки чорапчиња или хулахопки (old school is the best school за вакви работи!) и тоа е сѐ.
В. дојде на вечера и гледавме филм. Обично не гледаме исклучително квалитетни филмови заедно (: туку нешто што прави да ни биде пријатно и да се смееме. Изборот беше нејзин: The Idea of You, хахаха!
Утринско црткање.
Поздрав од мајка ми – нејзиниот традиционален милиброд што го прави околу Велигден, ама и кога ќе го посакаме. (:
Кратка работилница после отворениот ден во Моки, а пред ручекот кај моите. Правење вазни во нивната дневна. (:
После ручекот – враќање дома. Морам да признаам дека живеам за вакви ритуали. Попладневните колачињата и кафето за време на викенд ми мирисаат поинаку од другите денови, затоа што ми мирисаат на детството, на послужавниците на бабите, на безгрижност.
Дотерана за на свадба (: Во мај бев на две свадби, а месецов сум на уште една.
Секој ден кој беше дождлив или облачен ми носеше огромен мир и во тие моменти имав најмногу мотивавација да правам нешто. Секогаш со мене е така.
Пакување, пакување, радување.
Работата е што кога врне автоматски си замислувам дека е есен и тоа ме наведува да мислам дека МОРА да направам некаква супа.
Па така веднаш излупив моркови и ги подготвував додека ги гледав последните епизоди од SATC. Чуден вајб ми имаше отсекогаш при крај, особено моментите со Кери во Париз.
Секогаш правам МНОГУ супа, за да ја имам два дена!
Обично ја јадам со тост лепче со кашкавал. (:
Си купив ново тавче за правење палачинки па сакав да го пробам (а и сакав палачинки), па ја пречекав В. со нив.
Го сакам Козле, особено во сабота сабајле кога одам накај Моки.
И ги сакам саботите во Моки, тие се мојата терапија.
Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видам убава реакција на некој што си купува нешто или си ја зема нарачката. Не ми треба никакво поголемо признание од тоа што го добивам со години без да го побарам. <3
Подготвување на нови маички затоа што старите се веќе при крај а летото не е ниту на почеток.
За жал овој месец не читав многу, но ја почнав „Естом“ од Николина Андова Шопова која обожавам како пишува.
Ја почнавме (и завршивме) Baby Reindeer во ист ден! Тоа мене не ми се случува често, ама ни јас не можев да се воздржам и да ги консумирам полека епизодите. Ептен ми се допадна!
Ахх…мојата збирка. Толку полека ја средувам…но сепак ќе биде, мора да биде! Сакам да има промоција некаде околу есен, есен е моето време.
Го користам секој слободен момент за неа. Но момент во кој и главата ми е ослободена, бидејќи ако не е така – тогаш џабе го губам времето.
Повторно го гледав „Домаќинство за почетници“, овој пат со В. Уживав повторно!
Ова е десертот на мене и В. Секогаш проследен со тешки муабети (:
Прееекрасна вечер со С., М., и В. Животот има смисла само со пријатели.
Тука се подготвував за промоцијата на збирката на Б. кадешто…ја промовирав! Б. сакаше да бидеме спонтани, ама мојот концепт за спонтаност е поинаков од неговиот.
Пауза со многу добри вегетаријански врапови. Мислам дека никогаш толку добро не сум го погодила тофуто.
Секако дека промоцијата помина прекрасно. <3
Девојчиња што едвај наоѓаат дата што одговара на сите, ама кога ќе ја најдат седат со саати. <3 Готвевме, мезевме, јадевме, пиевме, направивме 100 кафиња…прекрасен ден.
Свадба во природа на Т. и М. <3
Назад во Скопје и почеток на една нова приказна. Го започнав Носталгично – прибежиште на заборавени винтиџ убавини на кои треба да им се избрише прашината и да им се даде љубов и нов дом. Мојата љубов кон старите предмети и нивните приказни претекува, па така одлучив да ја споделам со останатите. Ќе ми значи доколку го заследите профилот nostalgichno_, таму ќе ја видите мојата колекција која ја надоградувам како за своја душа. Значи, таму има предмети кои јас со цело срце би ги задржала за себе па се надевам дека ќе ја забележите љубовта, вниманието и трудот кои ги вложувам тука. Инаку, Носталгично веќе има прекрасен одзив кој не го очекував! Не е лесно да се жонглира со Моки и Носталгично, но пробувам и давам колку што можам, а во моментов можам многу.
<3
Секако, тоа значи дека не може толку често да ми биде средено дома (види позадина) , ама мислам дека вреди (:
Тука се подготвувам за пазарење.
Малку енергија за мојата нова опсесија…
Учење шведски на Duo Lingo. НИКОГАШ не сум го учела јазикот, но многу ми се допаѓа…(за ова ги обвинувам шведските филмови и серии). Сакав ова да ми биде релаксирачка занимација, но како и со многу други работи кои ми се интересни – се опседнав. Ама ветувам (на себе) дека ќе успорам. Ама тоа не значи дека не смеам да си купам преубав тефтер и пенкалца. (:
Секоја светлина од зајдисонце е толку слична секој нареден ден, а сепак неповторлива.
Бевме да го гледаме Challengers после многу фалења!
Во Моки никогаш не може да биде досадно.
Мал хаос и најубави шпагети додека на Нетфликс оди Archer.
Маратон на сѐ што има на Нетфликс од Bo Burnham и прегледување на Inside.
Кога ќе кажам дека се опседнувам – го мислам тоа. (:
И на крајот неколку фотографии од неколку вкусни оброци (некои од мене некои од Б.)
Се надевам дека ви се допадна и оваа објава. Како вас ви помина мај? Пишете ми коментар, се радувам на секој заеднички разговор. <3

Прегратка,
М.
Ах, бонус фотка!
За малку ќе заборавев… овој месец прифатив да бидам дел од поткастот на Максим (Филмофилос) и си поминав супер! Ме покани да зборуваме за coming of age серии, а мене тоа ми е слаба точка! Прво ми беше прилично незгодно ама кога почна разговорот се изназборев… ако некој случајно сака да го гледа, може тука.
Фала, Максим, за убавиот ден во месецот мај!

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top