Март во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)

Март некако ми помина без да осетам. Се провлече, донесе цвеќиња, донесе промени, донесе лекции и си отиде. Тоа го размислував пред да седнам и да ги селектирам фотографиите за новава објава. Но кога ја разгледав убаво месечната галерија сфатив дека бил навистина исполнет месец и се израдував, по не знам кој пат, што одлучив да ги правам овие месечни рефлексии. Со нивна помош го доживувам поминатото време како да е дуплирано, а тоа за човек како мене – кој живее со грижата дека времето секогаш ќе биде пребрзо и прекратко – е вистински подарок.


Месецот започна со дожд. Дожд после завршување обврска е точно онака како што се чувствувам кога ми олеснува после сработена задача. Затоа на фотографијата сум толку полетна (: Наврнат камен ми е инаку еден од омилените мириси во животот, особено кога времето е потопло. Во моментов замислувам летен дожд.
Чиг ќофте (Çiğ köfte) во Чаршија со голем ајран додека врне? Сакам пак!
Се враќав од МСУ, до некаде пешки, од некаде со автобус, од некаде повторно пешки, без никакво брзање, со пријатна плејлиста, и можеби за првпат сфатив дека сум баш возбудена за пролетните прошетки кои ќе следат.
Многу одамна не сум била во парк. Овој ден бев во парк со часови, слушав супер музика и супер (за мене) нови македонски бендови.
Преку Моки ги имам добиено едни од најслатките и највнимателните гестови на внимание во животот од луѓето што доаѓаат да си купуваат. Овој пат, точно на крајот од работното време добив направено чајче. Се стопив (:
И овој месец беше исполнет со цртање. Станував, го правев првото кафе и цртав додека го пиев. Не можам да се пожалам, ми одговара така да ми почнуваат утрата, барем во моментов.
Убава вечер со убави и долги разговори.
Средување и освежување во Моки. Овој дел е секогаш најрастурен, ама од тој ден навака се обидувам да го зачувам овој изглед (барем приближно!)
На пат кон дома. Се разбира дека не можам да видам баба или дедо кои продаваат цвеќе, а да ги одминам. Се нема случено и не планирам. Особено ми беше слатко ова мало аранжирано букетче, и не само што беше убаво на изглед туку и остана свежо многу денови! Станот мирисаше прекрасно.

Вечерта имав прекрасни луѓе на гости.
Е за Тамблр можам да зборувам три дена без престан и да не ми бидат доволни.
Тамблр ме оформи како човек! Не ни претерувам. Се сеќавам дека во средно се враќав дома после часови и веднаш се приклучував на Тамблр за да се опуштам. Нема ниедна друга платформа што толку позитивно ми влијаела и што така ми ја обликувала страста за естетиката. Кога и да сум сакала да се почувствувам разбрано тоа сум го добивала тука, секогаш сум пронаоѓала сензибилитети и карактери слични на мојот. Освен тоа, мислам дека ниедна друга платформа не ја има таа интимна атмосфера како што ја има Тамблр. Го користам до ден-денес, и баш ми е жал што немам повеќе време за да си седам без да размислувам на ништо и да си риблогнувам прекрасни фотографии. Како и да е – СЕКОГАШ му се враќам, колку и да не е често. Тамблр засекогаш ќе остане дигиталниот рај за интровертите.
Мојот профил е овој!
Јога! Секогаш ми е задоволство кога ја правиме.
Мојата дефиниција за мир. Влог на Ондо и јадење. Нејзин влог не треба да се гледа на гладен стомак. (:
Беше недела, се вратив од неделниот ручек кај моите и ми се гледаше филм. Вечерта имаше Оскари и сакав да изгледам некои од номинираните филмови, ама дадов предност на желбата да го гледам филмов (Father of the bride). Вториот дел го имам гледано којзнае колку пати како мала и затоа ми е многу носталгичен. Ако треба да изберам што да гледам прво, дали сериозно добар филм номиниран за Оскар, или филм од 90ти со рејтинг 6.2 ама кој ме потсеќа на тоа како сум се чувствувала кога сум го гледала легната на троседот во семејната дневна соба – секогаш ќе дадам предност на ова второво. Без размислување. Во текот на неделата го изгледав и вториот дел. Ги гледав и оскаровците, нормално. (:
Вечерта ја гледав и церемонијата. Порано, кога сите живеевме заедно, задолжително ја гледав со брат ми. Секогаш ќе ме потсетува на тоа. Но и до ден-денес, иако сме на различни краеви, си се допишуваме додека гледаме тој таму, јас тука. <3 (:
Не сум голема љубителка на вештачко цвеќе, но знаев дека ќе излезе супер како декорација во продавница. Многу уживав додека си бирав цветови и гранчиња.
Си ја купив оваа слатка свеќа што веројатно никогаш нема да ја запалам бидејќи ми е преубава, и овие сијалички што сакам да ги ставам на балкон.
На пат кон дома поминав од пазарот кај Буњаковец и си ги донесов овие убавини.
Ете го зумбулчето. (:
На кафе и разговор кај Тања за следните производи кои ќе ги шие и внимателно избирање материјали и бои. Преубав процес!
Прекрасни разговори, прекрасно мезе и прекрасни луѓе.
Оваа сабота работев на декорирање на продавницата со купените цвеќиња.
Неделен ручек кај моите и епски веге лазања и трилече!
Утра со многу цртање.
Овој чичко имаше супер јагоди (за овој период)! Сакав да правам палачинки само поради јагодите, ама на крај не можев да се воздржам и ги изедов сите, без палачинки. (:
Само сакав да го овековечам моментот кога видов дека зумбулот расцветал. <3
Овој ден почувствував дека ми станува подобро. Минатиот месец беше навистина тежок и го носев со мене горкото чувство каде и да одам. Но овој ден, точно во овој момент почувствував дека можам слободно да земам воздух. Се погоди да биде и првиот ден од пролетта. Можеби не беше случајно?
Во Моки стигна од принт нов производ во кој се заљубив!
Се враќав од еден работен ангажман. Овој дел, конкретно овој поглед, ми е еден од омилените кога сум во Центар.
Ако во нешто вистински уживам, тоа е седнување на кафе и доручек, убави разговори и некоја активност што ја сакам, сѐ во исто време. (:
Мислам дека не постои помал балкон во светот, ама барем знам да направам да ми биде убаво кога си седам таму. Мој е, си го сакам! (:
Б. во последни подготовки. ЕДВАЈ чекам! Сега нема да зборувам ништо околу тоа, има време (ама не уште многу време! Јухуу!)
Во Моки имаше снимање. Наскоро ќе видиме како излезе сето тоа. (:
Исполнета и сончева сабота во Моки. Ручек со моите луѓе, бабичка со цвеќе, сладолед на клупа додека заоѓа сонцето. Не можам да посакам повеќе од тоа.
Последното утро од март. Благодарам што стигнавте до крај. Имам чувство дека објавава беше подолга од другите? Се надевам дека сепак ви беше интересно. Како вие го помиинавте месецов?
Прегратка и се читаме наскоро. <3
Ах, и да не заборавам. Од време на време правам Spotify плејлисти, па еве ја новата. Повелете!

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top