Мала кујна со мал буџет и (прилично) мала слобода

Решив оваа објава да биде посветена на кујната во мојот стан. Конечно направив фотографии (иако во различни денови) и сакам да ги искористам сега, кога наоѓам малку време да пишувам. Инаку, станот не е мој, туку го изнајмувам и мојот цврст став е дека иако станот е изнајмен, а не „мој“, тоа не го прави помалку мој. Живеам тука моментално, не засекогаш, но најголемиот дел од денот го поминувам дома и сакам таму да ми биде што поубаво и да ги искористам сите можности и услови за да го направам според мојот карактер и желби.

За мене домот е вид жив организам и просторот има потенцијал да биде продолжение на човекот што живее во него. Јас овој простор гледам да го исполнам со предмети што ми значат и естетски ме привлекуваат. Се разбира, додека сум овде, ќе бидам секогаш ограничена од тоа што можам да менувам, ама се трудам да го извадам максимумот од условите.

Кујната во овој стан е споена со дневната, зафаќа прилично мал простор и беше единствен елемент (освен тие во тоалетот) што го имаше кога се вселив. Многу ми е криво што не ги зачував фотографиите од деновите при вселувањето, најдов само една, но не е ни толку важно. Тоа што ми е важно е да ги споделам моите искуства од тоа како може немодерна и не толку нова кујна (која не може да се менува) со малку буџет и со многу ситници – да биде пријатен, топол и привлечен дел од домот. Првпат правам ваква објава, па се надевам дека на некој ќе му биде интересно, или некако ќе му се најде. (:

Може да започнеме.

Ова е единствената фотографија од вселувањето што ја најдов. Не е баш репрезентативна, но добро. (: Во кујната ги имаше елементите од фотографијава (освен фрижидерот и шпоретот кои се мои). Она што го сменив во елементите е работната површина бидејќи ми беше важно да наликува на дрво и чешмата.
Ова е моменталната ситуација. Не знам дали се забележува, но бидејќи мојата машина за садови не е голема, има мал простор меѓу неа и ѕидот. Затоа сакав да се направи тесна фиока која се повлекува и освен тоа што го пополни просторот е и многу практична за чување работи како детергенти и крпи. Сега ќе напишам понекој збор подетално за останатото.
Оваа маса (од Икеа) решив дека ќе глуми kitchen island (: Многу ми се допаѓа изгледот, ништо не би променила, а освен тоа е многу практична бидејќи инаку немам простор за работа, а има и две фиоки и под нив има две полици за чување работи. Единствено ме мачеше површината којашто беше тешка за чистење поради текстурата, па затоа ја излакирав.
За да го искористам просторот, на слободниот ѕид додадов две едноставни, дрвени полици за чување на (најубавите) чаши и украси, но и за чување продукти што ги користам секојдневно и сакам да ми бидат на дофат. Инаку, ова долу е корпа за чување овошје што многу ја сакам, и не знам како се погоди баш кога ги правев фотографиите да немам овошје дома, ретко се случува…навистина! (:
Под полиците ја ставив оваа мала закачалка чисто поради тоа што знаев дека ќе ја украси цела кујна, не толку од практични причини.
Еве и од друг агол. Монстерата расте супер иако ми беше страв од премалку светлина и од многу топлина. Ја качив на столче/скаличка што го користам кога не можам да достигнам нешто што е повисоко и многу ми се допаѓа како го прави просторот пријатен.
Оваа полица беше единственото решение за да имам каде да ги ставам апаратите. Можеби не изгледаат најдобро, ама барем ми се при рака, а големата кутија ја користам за стаклени и пластични садови за храна што инаку немам каде да ги чувам. Најгоре се крпите. Искрено, на фотографијава полицата не е во нејзините најдобри денови, обично изгледа поубаво, а имаше и растение, но сакав да објавам баш така како што е во моментов, без дополнително да средувам.
Оваа мала и едноставна полица ми ја правеа по мерка, а ја користам во главно за чување зачини и други нешта за готвење. Столната ламба е задолжителна во кујнава затоа што прави убава атмосфера навечер. Јас не сум фан на силно светло (го користам само кога нешто ќе се скрши и треба да го соберам од подот), и секоја прилика ја користам за да поставам мали светла. (:
Ова куферче (купено на старо) го поставив на работната масичка затоа што ми ја разубавува цела кујна. Многу ме прашаа дали сум го оштетила поради вода, ама не ми се случило тоа (сега за сега).
Овој момент ми е еден од подрагите во кујната. Металниот (држач?) за цедалки и други нешта.
Сега ќе ѕирнеме малку внатре. Овие фотографии немаат баш естетска вредност (: но ќе ги ставам тука поради практични причини. Малите бели полици во кабинетот се многу практични за заштедување простор, а ги купив од Џамбо… но и за сите други нешта може слободно да ме прашате од каде се! Јас само сакам да не биде толку долга објавата, но вие слободно пишете долу коментар.

Ги фотографирав и фиоките и другите кабинети за да покажам како се организирани, ама на крајот се предомислив и не ги објавувам. Навистина не се нешто привлечни. (: Можеби некој следен пат!
И за крај, неколку убави фотографии од амбиентот во кујната навечер.
Тука некаде е крајот на оваа објава. Се надевам дека барем некому му беше забавно и дека можеби ќе добие некаква идеја. Фала што стигнавте до тука!

2 thoughts on “Мала кујна со мал буџет и (прилично) мала слобода”

  1. Моки 🙂
    90% од времето кога сум онлајн го поминувам во читање и разгледување на креативни објави за уредување на ентериери, дизајнерски производи, дизајнерски мебел итн. Најчесто таму ме привлекува фотогр. сликана со највисока резолуција, боите, дизајнот, архитектонските решенија итн и затоа толку време дремам и ги гледам, претежно имаат многу малку текст повеќе се посветуваат на визуелниот впечаток преку сликите. Муабетот ми беше, оваа твоја објава за уредување на дом нити е фенси, нити сликите се со најврв апарат и светло, нити се со тенденција да остават уау впечаток, нити е работена во тим од врвни дизајнери АМА толку со задоволство ја отворив да ја прочитам зошто знаев дека ќе има нешто топло и пријатно и не само шо ја читав до крај туку и малце ми беше 😀
    Едноставноста во тоа што го пишуваш и емоцијата што ја пренесуваш со објавите и производите не се учи ни на врвните школи за уметност!
    Ете така. Продолжи да споделуваш убвинки со нас ✨

    1. Monika Stojanovska

      Здраво Ана!
      Ептен големо фала за поракава, ја прочитав ноќеска пред спиење и баш ми дојде убаво!
      Драго ми е што објавите ги доживуваш како што ги доживуваш, бидејќи сето ова доаѓа толку природно од мене и е стварно ненашминкано – така што за мене ова е НАЈголем комплимент што може да го добијам. <3
      Инаку, во главно ми се со мобилен сликите правени бидејќи секаде го носам со мене и ми е најпрактично, а во оваа објава имам и фотографии од апаратот, што е супер, ама точно – немам баш некоја светлина, далеку ми е кујната од прозорите. И јас ги гледам несовршеностите и многу сум среќна дека полека се ослободувам од такви притисоци (порано многу ги имав), зашто ако не се растеретам од тие мисли нема да направам ни влог ни блог во животот. Така што, најбитно ми е атмосферата и чувството да ги пренесам, а после останатото, и толку многу ми е драго што сето ова создало топло и пријатно чувство зашто ептен ме мотивира тоа.
      Фала што го отвори ова и фала на прекрасната порака и на одвоеното време за двете. <3
      Среќен 8 Mарт!

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top