Јануари во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)

Го сакам јануари од многу причини. Не ми е јасно зошто некој би се жалел дека е долг? Никогаш не ми се чинел подолг од кој било друг месец. Освен тоа, баш би сакала да трае долго, како што сакам да ми се чини дека трае долго секој нареден месец. Зошто не би сакала времето да поминува полека и месеците да ги консумирам што е можно поспоро? Сметам дека деновите треба да се чуваат како коцка шеќер во устата додека не се истопи сосема самата од себе.

Додека го пијам второто кафе во денот, и додека го уживам празниот стан и тишината, ќе селектирам и ќе објавам неколку моменти од месецов кои сум успеала да ги фатам во фотографија (но не со камера, туку со мобилен). Среќна сум кога драг момент го имам уловено во фотографија! Не е точно дека не го уживам сосема доколку го фотографирам. Не само што го уживам- туку го уживам и двојно, а поради тоа што имам можност да го понесам со мене во некој нареден ден кога ќе ми биде потребно да се потсетам- всушност го уживам бесконечно.

Првиот ден од годината ми започна слично како секој 1ви јануари. Станав без аларм, си направив кафе и си ја пуштив “Take a walk on the wild side” од Lou Reed. Не знам од каде дојде таа традиција, но ми се допаѓа и мислам дека ќе ја задржам! Додека во позадина на телевизорот одеше Виенскиот концерт завиткав неколку ситни подароци за моите. Тоа се секогаш некои ситници, ништо големо или посебно. Овој пат беа некои убави филџани за кафе кои ги наполнив со карамели.
Неколку свеќи кои ги декорирав и ги спремив за друг подарок. Ми се допаднаа како испаднаа и можев да ги задржам за себе, но секако имам повеќе од доволно свеќи, а и ме радува кога подарувам нешто што сум изработила.
Почнав со пополнување на поважните дати во Моки календарот. Секогаш најпрво ги бележам родендените на блиските луѓе, па потоа останатото. Исто така си реков дека ќе го користам упорно тефтерчето за запишување мали, но убави моменти секој ден. Овој месец успеав во тоа! Секој ден има барем по еден убав момент, иако не секој ден беше лесен.
Ова беше некој од моментите во кои се чувствував потполно смирено. Б. нешто чита, дневната мириса убаво на испраните алишта.
Спокоен момент, повторно.
Гледањето божиќни филмови кај мене е задолжително! Морам да признаам дека квалитетот на филмовите варира, затоа што колку што уживам во квалитетни и епски филмови, толку уживам и во типични, клише приказни без некоја особена длабочина. Но, на фотографијава е, се разбира, еден од најголемите божиќни класици: “It’s a wonderful life” (1946).
Убаво попладне со книга и тишина. Оваа година посакувам повеќе време за читање!
Роденден на Б. Роденденски појадок и отворање на поклонче.
Настан во Лабораториум за независна уметност. Од тука купивме МНОГУ принтови, цртежи, зинови, книги. Да живее независната уметност!
Не е никаква тајна дека сакам да поминувам време сама дома (или било каде). Кога сум подолго време сама, чувствувам дека вистински можам да се поврзам со луѓето отпосле. Едноставно имам потреба да се регенерирам со сопствените мали ритуали- како пиење кафенце во (прилично) чист стан.
После само неколку дена, дојде време за Битола! Ја сакам Битола. Иако градот важи за посебно убав на лето, мене ми е особено шармантен кога е ладно. Овој пат го погодив идеалниот (за мене) период.
На неколку дена пред да си одам, малку се разочарав што времето стануваше речиси пролетно. Не сакам кога едно годишно време личи на друго годишно време. Но, на моја особена радост…
…токму на утрото за мојот роденден падна снекче! Одамна немав видено снег. Знаев дека ќе биде супер роденден штом започнува со снежна прошетка. Овој роденден ми беше еден од најпријатните. Немав никаква агенда, но некако самата природно се создаде. Најпрво по снегот отидовме да ги земеме печатените материјали за Моки, потоа седнавме да јадеме, се вративме дома. Читав честитки од саканите луѓе, потоа бевме на роденденска вечера, на пикадо, па дури и на филм.
Помислив дека немам место на десерт, ама за кратко се премислив!
Го гледавме, ни помалку ни повеќе, Poor Things! Се разбира дека нè фасцинираше двајцата!
Ахх, време е за назад во Скопје.
А назад, во Скопје, елка што треба да се откити и најслатка порака од моите. Мајка ми традиционално го црта ова мече!
Си направив кафе и полека почнав со пакување на украсите. До следната година!
Додека бев во Битола пристигнал свеќникот што го нарачав на старо. Супер-задоволна! Можеби е малку новогодишен, но мислам дека може да стои како украс и преку цела година.
Прекрасна прошетка и мезе (што се претвори во вечера) со В. Ми купи и подарок за роденден! <3
Собата во која недостигаше завеса. Не можам да функционирам без завеси!
Мириса на ручек, алиштата се спружени, растенијата наводнети- не ми треба повеќе за да бидам среќна!
Го гледавме „Домаќинство за почетници“ на кино и ми разбуди многу, многу емоции. Силно го препорачувам!
Пробуваме да одвојуваме повеќе време за готвење дома. Ова е вегетаријанското гиро на Б.
Периодот после празниците отвора многу работа во Моки. Мораше да се тргнат одредени производи, да се стават нови, да се исчисти убаво, но после неколку дена работа е многу убаво и пријатно и среќна сум што трудот се исплатеше!
Со Б. отидовме толку рано да пазариме нешто (без да провериме во колку отвораат продавниците) што во молот бевме присутни само ние и овој гулаб!
Повеќе беше пазарење со гледање, но сепак си купив неколку нешта што ми требаа за дома.
Ух, ова беше баш исполнета вечер. Со мал базар, со концерт, па Бојан пушташе музика, па јас смрзнав (што не е типично за мене) и се жалев поради тоа со саати отпосле. (:
Првото интервју за Моки годинава, јухууу!
Купување книги на попуст, едноставна вечера и цртање, цртање, цртање
Подарок нарачан да се изработи и да се испрати до мојата адреса од М. Не постојат далечини!

2 thoughts on “Јануари во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)”

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top