Април во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)

Април…горчлив и сладок, тежок и убав, со поздравувања, со збогувања.
Не сакам да признаам дека годинава не ми тргна од рака, ама тоа е така. Секако дека е брановидно, се случуваат навистина прекрасни нешта и моменти кои ме исполнуваат, но за четири месеци имаше толку многу наталожени болки и стравови со кои уште учам (и допрва ќе учам) да се справувам. Тие болки ги „преработувам“ поинаку, а леснотијата ја фотографирам. Овој месец немам толку фотографии како што знам обично да имам, но сепак има нешто за да се склопи уште една месечна дигиталгна галерија.
Се надевам дека ќе ви се допадне.

Не планирав уште еднаш да ја почнам SATC, ама кога видов дека ја има како опција – не можев а да не ја почнам пак од прва епизода. Ме смирува и ме смее, а и освен тоа различно ја гледав кога бев тинејџерка, во моите 20ти, и еве – во моите 30ти. За новата сезона ПОДОБРО да не почнувам да зборувам, ама еве, да скратам – за мене SATC има вкупно 6 сезони (добро… и два филма што ги имам гледано почесто од што можеби сакам да признаам.)
Некогаш навистина ми се посреќува во изнаоѓање стари богатства по огласи. Не знам ни дали е среќа во прашање бидејќи сум многу посветена и внесена во пребарувањето за едноставно да ми се „погоди“. За да се најде богатство треба да се копа, а кога ќе се откопа треба да му се види потенцијалот. Мислам дека овие нешта одат рака под рака. Овој организер кој е стар над 50 години веднаш ми го привлече вниманието затоа што знаев дека ќе се вклопи идеално во Моки. Практичен е и дизајнот е, според мене, безвременски.
Моменти од отворањето на пакетот. (:
Се подлажувам со мирис на кафе и тостирано лепче со путер и мармалад за да работам во собата што е всушност планирана и средена за работење. Никогаш не се навикнав да не правам речиси сѐ во дневната соба, ама од време на време се трудам да ја менувам таа навика! Дали ми оди добро? Може и подобро.
Роденденско букетче од Буњаковец.
Чекање гости и нови лалиња од пред Веро.
Април беше супер месец за Моки. Имав уште едно интервју кое баш го чекам да излезе. Многу сум благодарна и радосна кога некој јавува интерес за мојата работа и со тоа ѝ дава дополнително значење, а на мене ми дава дополнителен поттик.
Април значеше и приквечерини што мирисаат онака како што само пролетта знае да мириса.
Perfect days… што и да пишувам ќе биде излишно затоа што нема да биде доволно. Филмот е тоа што сакам да го гледам, чувствувам и живеам.
„Боите на разделбата“ од Бернхард Шлинк ја почнувам трети пат. Секој пат кога ја почнувам се плашам дека треба да се соочам (или се соочувам) со некаква разделба, а така беше и овој пат. Како и да е, конечно ја прочитав и сега конечно нема да ме прогонува од полицата.
Порано кога живеев со моите родители, кога бев мала и имавме радио, мајка ми дури чистеше постојано слушаше нешто на радиото. Тоа е слика што никогаш нема да ми исчезне од главата: Отворени прозори, цела светлина влезена во домот, распрскани прашинки, мирис на детергент и музика во позадината. Денес кога чистам секогаш пуштам радио.
Станав рано, отидов до најблиската книжара за да купам хартии во боја за еден проект и да си купам доручек од пекарата пред зграда.
Почнав да работам на него, но морав да го завршам наредниот ден.
Мал креативен хаос од наредниот ден.
Збогување…
Пат накај Битола.
Пречек со цвеќенце. <3
Вечерта на кино го гледавме The boy and the heron.
Овие денови во Битола беше вистинско лето.
Во прилог ќе следат уште убавини од Битола:
Добро, неколку од фотографиите беа со храна, ама храната во оваа заедница е еден од најсериозните love languages. (:
Назад во Скопје, а таму промоција број 1 на „Ајде уште еднаш“ на Б. Јеее!
Инаку од годинешниов Саем на книгата сакам да ги одвојам детските изданија кои ги прочитав во еден здив и ме наполнија со милион емоции.
Ако нешто сакам приближно колку што сакам врнење дожд во есен, тоа би било врнуцкање дожд во пролет. (: За мене овој тип на утро е совршен – температурата е пониска од што би требало да биде, но сепак е пријатно, а мирисот надвор е тој на мокри дрвја и трева. Плус звукот на дожд врз зелени и свежи листови е посебен.
Бојата на ваквите утра е потемна од обично, прозорците дома ми се подотворени и воздухот од надвор се меша со печено лепче. Идеалниот мирис е печено лепче и чај, ама јас ја немам таа убава навика, па мирисот кај мене дома е печено лепче и кафе.
Попладне со Lady Bird. Мислам дека ова ми е трети пат да го гледам.
Јас сум таков човек што или заборава сосема на машината за еспресо или кога ја користи се опседнува со неа наредниот период. Тука си направив совршено ладно макијато со дупла доза еспресо и дента (или наредниот ден) ја дочитав книгата.
Со што и да сум зафатена, не можам а да не се воодушевувам на бојата во станот на зајдисонце. Секогаш ме фасцинира.
Ова за мене беше еден од најубавите денови во цел април. Шетавме, јадевме, си купивме книги, јадевме благо, шетавме пак…
Пресреќна сум дека си ги купив Heartstopper 4 и 5! Четворката ја прочитав наредниот ден а петката ја читам моментално, имам уште половина. Ми го топлат срцето.
Дефинитивно мојот омилен дел од книгите.
Остатокот од месецот беше исполнет со убави и тивки зајдисонца,
со работа во Моки,
со прошетки,
со слатки задоволства,
со уште слатки задоволства (: ,
со испраќања кои не сакаме да бидат тешки и драматични,
и со надеж за убав и мек месец што следи.
Како и секогаш, ви благодарам што бевте тука и што ѕирнавте во галеријата на мојот мобилен телефон и на моето срце.

Прегратка,
М.

3 thoughts on “Април во слики и зборови (Денови преку мојот мобилен)”

  1. Колку убаво и топло. Ти благодарам Моку што не држиш во оваа нежна полууспаванка🤎

    1. Monika Stojanovska

      Јас ти благодарам од срце што воопшто го прочита постот, а потоа зашто ти се допадна! Прегратка <3

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top