Триесет и прв роденден, прв блог пост и неколку (раз)мисли

Повторно роденден. На секој роденден добивам желба да кажам нешто. Оваа година, за промена, имам простор каде што ќе можам да кажам и нешто повеќе. Така што, ќе го искористам овој повод наречен роденден и ќе го напишам мојот прв пост на блогот, без многу размислување околу тоа кој ќе го прочита, претпоставувајќи дека сам ќе си го најде својот пат до својата публика. Дали таа публика ќе биде од десетина луѓе, петмина, двајца? Тоа не е важно. Неодамна прочитав една реченица која ми остави впечаток: „Направи го нештото како да постојат само твоите сродни души“, или во мојот случај: „Објави го напишаното како сите читачи да се твои сродни души“. За мене „сродна душа“ е некој со кој природно и лесно можеш да го споделиш тоа што имаш да го споделиш, а тој, од некоја причина, на крајот да се почувствува како дома. Во мојата дигитална архива одамна имам сочувано една одломка од говорот на Нобеловецот Казуо Ишигуро при прифаќањето на наградата, која мислам дека е соодветна за овој вовед: „Но, најпосле, приказните се за една личност да ѝ каже на друга: ‘Ова прави да се чувствувам вака. Ме разбираш што сакам да ти кажам? Дали прави и ти да се чувствуваш така?’”. Овде ќе пишувам мислејќи само на тие луѓе што, барем на некое ниво, се чувствуваат така, бидејќи тоа ми ги ослободува мислите и прстите. „На крајот, сродните души се запознаваат затоа што имаат исто скришно место.“, вели писателот Роберт Бролт. Па овој мал дел од интернетот го посветувам токму на вас – моите сродни-по-нешто луѓе и ве примам со задоволство во моето скришно место од зборови, зашто, на крајот, така и јас ќе се чувствувам помалку само.

Сега, да се навратам на темата роденден. Денес ми е роденден по триесет и прв пат. Што можам да кажам по тој повод? Ќе одберам да кажам неколку работи кои нема да ги наречам ниту совети– бидејќи ми звучи авторитетно, нема да ги наречам ниту заклучоци– бидејќи постојано се менуваме, и нема да ги наречам ниту ставови– бидејќи ми звучи ограничувачки. Ќе ги наречам едноставно: мали (раз)мисли околу животот, некои нешта видени, почувствувани или доживеани преку мене, преку мојот светоглед, кои не сакам никому да ги наметнувам туку едноставно сакам да ги споделам.

Сакам да кажам дека во моментов сè уште сметам дека во животот е најважно да се биде искрен пред себе, и со тоа искрен пред останатите. Сметам дека почитта, разбирањето и наклонетоста од другите е залудна (и лажна?) доколу пред нив (и со тоа пред себе) се претставуваме како нешто што не сме. Најиздржливите односи ми се со луѓето пред кои сум дозволила и ми дозволиле да бидам недвосмислено своја, што и да значи тоа.

Сакам да кажам дека човек може да биде сфатен сериозно и доколку си дозволи простор за хумор. Хуморот и духовитоста се сериозно важна вештина, особено при соочувањето со грубостите на животот и светот. Како што вели Виктор Франкл, само хуморот може да дозволи оддалечување и способност за издигнување над секоја ситуација, макар само на неколку секунди.

Сакам да кажам дека треба да слушаме исто онолку колку што зборуваме, можеби и малку повеќе. Но вистински да слушаме. Гледајќи го соговорникот во очи, обидувајќи се да ги протолкуваме неговите гестикулации на начин на кој ќе го слушнеме и тоа што не може/не сака да го искаже.

Сакам да кажам дека кога подаваме рака треба да има стисок, или треба воопшто да не подадеме рака.

Сакам да кажам дека претенциозноста во уметноста треба да биде умерена. Уметноста допира до нечие срце ако е од срце, а не (само) од его. Исто така, држењето лекции и правењето паметни е одбивно секаде, па и во уметноста.

Сакам да кажам дека на луѓето треба да им се верува кога ќе ни покажат кои се. Не можам да заборавам една епска реченица од Дон Дрејпер во Мед Мен, кога во едно писмо ќе напише: Луѓето ни кажуваат кои се, но го игнорираме тоа зашто сакаме да бидат оние кои сакаме да бидат. Луѓето особено покажуваат кои се во моментите кога не е лесно.

Сакам да кажам дека слободата на говор завршува кога почнува да станува говор на омраза.

Сакам да кажам дека кога некој е возбуден за работа која нас ни се чини неважна треба да го слушаме како да е тоа најважната работа на светот.

Сакам да кажам дека на родителите треба да им се прогледа низ прсти за ситните грешки. Првпат им е да бидат родители, но и првпат им е да бидат луѓе.

Сакам да кажам дека ограниченоста е лечлива и дека срцето е растегливо и може да се отвори за работи за кои не сме верувале дека може да се отвори.

Сакам да кажам дека во некои битки секогаш ќе бидеме губитници и не секогаш вреди да се почнуваат.

Сакам да кажам дека треба да имаме мали ритуали на грижа за себе и не мора секогаш да се „заработат“. Нив ги заслужуваме автоматски, со самото тоа што се снаоѓаме во овој комплексен и заплеткан живот.

Сакам да кажам дека надворешната валидација пресметана во лајкови, коментари, бројки, награди, пофалници,  не значи ништо ако ние самите не чувствуваме задоволство при процесот на правењето на тоа нешто.

Сакам да кажам дека не треба да се гази некој друг за да се стигне некаде. Сигурно на другата страна има подолг пат, со повеќе кривини, но е чист.

Сакам да кажам дека уметноста спасува, литературата спасува, готвењето спасува, природата спасува, слушањето на дишењето на најблиските спасува, пишувањето спасува, пријателството спасува, самувањето спасува, партнерството спасува, телефонскиот повик спасува, пиењето кафе од омилениот филџан спасува, љубовта спасува.

Сакам да кажам дека пријателите треба да се проверуваат со повици и пораки, и да се прашуваат како им поминал денот, особено оние што важат за најсмешни во друштвото.

Сакам да кажам дека заедницата треба да се поддржува. Да го купите мармаладот што го прават вашите пријатели иако е поскап (доколку можете да дозволите, секако), да купите албум или маица од бендот на луѓето кои ги знаете, да купувате зеленчук од тезгите на пазар, да дадете шанса најпрво на мали продавници во вашата населба, а потоа на молови, да купите играчка од жената што плете, ташна од фамилијарниот бизнис чија реклама ја видовте додека скролавте, да купите букет (без повод) од луѓето кои продаваат цвеќиња на пазар, колачи од слаткарницата на родителите на вашите пријатели, накит од локалните занаетчии.

Сакам да кажам дека луѓе кои не се радуваат на туѓата среќа нема никогаш да дознаат што е среќа.

Сакам да кажам дека може многу да се научи од децата и не смее да се патронизираат, потценуваат или да им се зборува со потсмев, зашто се попроникливи и побистри од многу возрасни.

Сакам да кажам дека сите ние сме многу повеќе од нашето минато.

Сакам да кажам дека сме способни да излеземе од вртлогот од траумите на генерациите пред нас и да почнеме одново.

Сакам да кажам дека за мене вистински се сака местото на живеење со тоа што ќе си го соберам ѓубрето што го правам, ќе пишувам на мојот јазик, ќе читам на мојот јазик, ќе се борам кога нешто не функционира, ќе протестирам кога нема правда, ќе видам што можам да направам добро во мојата најтесна околина и ќе се потрудам да го направам. Вистински се сака местото на живеење со тоа што се трудиш никако да не му наштетиш.

Сакам да кажам дека секогаш треба да се преиспитуваат хиерархиите надвор од нас и да се ослободуваме од оние во нас.

Сакам да кажам дека сѐ повеќе се чудам на луѓе кои се сфаќаат себеси пресериозно и не си дозволуваат да изгледаат „крш“ филм и некогаш да слушаат „крш“ музика.

Сакам да кажам дека никогаш не треба да се замолчува пред неправда, па дури и во тој момент да изгледаме недопадливо некому.

Сакам да кажам дека смееме да грешиме. Смееме да го менуваме мислењето. Смееме да си кажеме: Во тој момент знаев толку и изреагирав така, сега знам подобро. Заслужуваме љубов и грижа и кога грешиме, исто така треба да дадеме љубов и грижа и кога другите ќе згрешат.

Сакам да кажам дека го немаме целото време на светот.

Сакам да кажам дека тоа е мојот најголем страв, но учам да не биде. Сакам да научам да живеам со леснотија, ведрина, сочувство и да бидам љубопитна, а не исплашена од секој почеток. Да бидам љубопитна, а не исплашена од крајот.

Сакам да кажам дека можеби за многу од работите што ги напишав не сум во право.

Сакам да кажам дека некогаш е претешко да си човек. Претешко да се живее со неправдата, со насилството, со тагата, со болката. Но сепак…и тогаш кога немам зборови за степенот на лудило во овој свет, се појавува нешто или некој што ме потсетува дека злото не е норма, дека има уште добрина и чистота околу нас, и дека за нив вреди да се стане наутро.  

Со тоа ќе ја заокружам оваа моја прва објава на блогот, среќна и разнежнета што имам каде да го споделам тоа што го чувствувам, и што имам со кој да го споделам. Преку споделувањето на моите зборови, мојата уметност, или едноставно на моите интереси во изминатите години наидов на прекрасни луѓе, чие присуство длабоко го ценам. Ниедно внимание не го земам здраво за готово и вашата великодушност, љубопитност и желба за поврзување го прави значајно секое мало ќоше од интернетот кое го користам за изразување. Со сето ова всушност, сакам да кажам: благодарам.

Моника на една година, 1994

Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Shopping Cart
Scroll to Top