Интервју со Моника Стојановска
Никола Шиндре: „Моника Стојановска долго време е позната на јавноста по својот бренд со илустрации „Моки“, а неодамна ја објави и својата прва збирка поезија насловена „Има и такви денови“ на добропознатата локација за младите книжевници – „Буква“. Добитничка е на третата награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2022 година со расказот „Розов еж“. Има и препеви на песни што дополнително поттикнува да биде прашана за културата на читање кај нас.
Денес, книгите се достапни скоро за секој, може да се изнајмат, да се купат. Сепак, навиката за читање не е на завидно ниво. Како малата мотивација може да прерасне во голема желба за читање?“
Моника Стојановска: „Мислам дека навиката за читање е вежба како и сѐ oстанато. Всадувањето на таа навика е најпрво родителска одговорност. Децата кои се растени со книги, растат во еден свет побогат за многу бои, звуци, мириси, емоции и лекции. Понатаму, тоа е и задача на образовните кадри. Тие би требало да ја доближат литературата до децата на начин којшто на децата ќе им биде допадлив. Да им дадат простор и слобода на најмладите читатели да оформат сопствено видување и мислење за прочитаното, да им се дозволи да нурнат и прошетаат низ другите светови, неоптоварени од сувопарниот начин на обработка на лектирите што се провлекува низ генерациите. На тој начин, читањето може да стане, не само задоволство, туку и потреба“.
Н. Ш. Генерално гледано, културата на читање во ерата на дигиталната технологија многу брзо се менува. Како може при така брз и голем доток на информации човекот да избере да прави активности кои бараат бавност и седење во место?
М. С. Не е едноставно да се излезе, барем за момент, од вртлогот со информации кои ги консумираме секојдневно. Колку и да се чини дека сме насилно фрлени во тој вртлог, сепак често на своја волја остануваме внатре, и не мислам дека тоа е строго поради некоја мрза или безволност, многу често е поради страв. Повлекувањето во себе, седењето во место и соочувањето со сопствените мисли е комплицирано. Дисконектирањето од светот, односно од курираниот избор на прикажаните сцени од светот, ни звучи страшно. Не е лесно да се биде во сопствено присуство и да биде пријатно во тоа друштво. Тоа е вештина на која упорно се работи. Да се биде сам со себеси не е самување, туку култивирање на најважната животна релација. Освен тоа, кога човек чита – тој никогаш не е целосно, туку е доволно сам.
Н. Ш. Краткиот расказ отсекогаш бил допадлив за пошироката публика. Времето за да се прочита не е долго, а цел свет на идеи може сосема да сменат нечиј фокус. Како Вие ги гледате можностите на краткиот расказ?
М. С. Краткиот расказ како книжевна форма е допадлив затоа што поентира за кратко време и инстантно ни задоволува некоја читачка потреба. Но, оваа форма не е воопшто наивна, ниту едноставна за создавање. Сметам дека за да се создаде квалитетен краток расказ потребно е да се поседуваат изострени пишувачки вештини како што е усовршената прецизност. За да се биде вешт писател (на која било форма) треба да се биде и вешт читател.
Н. Ш. Во „Розов еж“ Дафина го здогледа ежот во градината долги години откако гледаше како другите деца го цртаат во своите блокчиња, а таа го одбегнуваше тоа. Како го гледате односот меѓу тоа што се искажува и можноста тоа навистина да се случи?
М. С. Розовиот еж е симбол на животот што не е сфатен премногу сериозно, симбол на игривоста, духовитоста и слободата – детски карактеристики кои, за жал, се потиснуваат низ годините, а според мене се уметност на живеењето. Во моментите кога си признаваме сами себеси дека ни недостигаат овие нешта (ќе ни ги отвори очите некој пресврт во животот, како во случајот со Дафина) – признаваме дека ни недостига и детето во нас. Всушност, детето е секогаш во нас, но одлучуваме да го маскираме во сериозни костуми.
Н. Ш. Поезијата – кратка во стихот и широка во емоциите што ги ослободува е друга форма на експресија. Кога ја користите едната, а кога другата форма на пишување?
М. С. Поезија пишувам отсекогаш, и долго мислев дека книжевно можам да се изразам единствено преку неа. Во последно време забележувам дека ми годи кога пишувам и проза, односно кратки раскази. Преку двете форми ослободувам некој дел од себе, но ми се чини дека преку прозата си давам шанса да го ослободам (макар суптилно) подуховитиот, па дури и позајадливиот дел од себе.
Н. Ш. Младите пишувачи создаваат некаква книжевна јавност, често има културни настани на коишто може да се чуе нова поезија. Какви се Вашите размислувања за заедничките читања и критикувања на пишувачите во подем?
М. С. Се разбира дека ги поддржувам иницијативите да се градат нови книжевни светови, бидејќи се неопходни за развојот на културата, и што е многу важно – за одржување на нејзината свежина. Важно е да се даде простор на новите бранови уметници во сите гранки на уметноста, за да не загнили. Исто така сметам дека тоа оди рака под рака со потребата за создавање култура на издржана, непристрасна и елоквентна книжевна критика.
Н. Ш. Како би ги охрабриле и посоветувале новите и младите кои сè уште се двоумат дали нивниот ракопис треба да се објави или не?
М. С. Би ги посоветувала да пишуваат многу, но да селектираат малку. Да се испразнат колку што можат од его и да остават место за мислења и критики. Да ги негуваат желбата и потребата да пишуваат и да работат на нив, бидејќи сами по себе не се доволни. Пред сè, ги советувам и им посакувам да бидат искрени пред себеси со своето творештво, без разлика дали ќе се решат да го објават или не.
Н. Ш. За крај, Моника Стојановска со читателската публика на „Гласни идеи“ ја сподели песната „Има и такви денови“ од нејзината истоимена прва поетска збирка.
Има и такви денови
Има и такви денови
кога нетрпеливоста во мене преврива како заборавена вода
во лимен сад,
додека се загледувам во некое повторливо сценарио низ завесата
Никогаш нема да дознам што е тоа умереност, си мислам,
како е бесшумно да се загреваш до одредена температура,
без да растечеш и да избегаш од својот сад
Има и такви денови
кога имам мисли толку силни што речиси можам да ги допрам,
состојби што речиси имаат форма и текстура
Сакам да ги допрам,
но секогаш е за малку,
во тие денови
кога нештата постојано ми бегаат
Никој не знае што точно стои
зад „срамежливите крошни“,
соседни дрвја што растат едни покрај други со години
но никогаш вистински не се допираат со гранките,
и си бегаат, за малку,
оставајќи си мали простори што се обликуваат според нив,
или тие се обликуваат според просторите, можеби
Никој не знае што точно стои
зад сите збунети растојанија,
единствено знае дека го прават да се чувствува
немоќно
додека неуспешно се обидува да ѝ даде некаква смисла
на оддалеченоста
Така и јас, во тие денови,
погодувам на што ме потсетува формата на празнината
и набројувам што во себе може да собере,
но сето тоа не го собира
за малку
Па така, празнината ми се смее во лице
со солзи што капнуваат ладно врз мене
и потоа од мене, врели, се излеваат
Низ завесата гледам:
Постепено
разлистуваш.
- Преземено од glasniidei.mk, за да пристапите кон оргиналниот пост притиснете на копчето подолу.