Моника Стојановска: Пишувам отворено, сонливо и искрено

Може да кажам дека моите песни се една (за мене) потребна, но за жал погрешна психоанализа на другиот.

Првата поетска збирка на Моника Стојановска (р.1993) излезе од печат. Моника дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, отсек Италијански јазик и книжевност. Работи како илустраторка и дизајнерка за својот бренд „Моки“ и како медиумска аналитичарка. Нејзината поезија е објавена во неколку списанија и антологии. Преведувана е на српски и хрватски јазик.

Промоцијата на збирката “Има и такви денови” на Моника Стојановска ќе се случува во Буква на 12ти октомври, среда, во 19:30 часот. За таа цел, Марија Шаклева поразговара со Моника за нејзината поезија и творештво.

Се сеќавам на првиот пат кога прочитав твоја песна случајно. Песната беше Amor Fati и ме остави со некоја растрепереност, па ја препрочитав пак за да сфатам што точно чувствував и некоја силна емпатија во мене тлееше и не сакаше директно да ми одговори. Само паметам дека си помислив колку си храбра – да бидеш ранлива пред себе, а потоа и пред другите е многу тешко. Дали поезијата ти помага во тоа?

Најпрво, ти благодарам. Тоа што некоја од песните разбудила нешто толку убаво – како што е сочувствувањето – во тебе, за мене е најголем комплимент. Мојата ранливост што си ја уловила низ стиховите е нешто со коешто на моменти тешко се справувам. Постојано учам како да ја прифаќам и да не се плашам од неа, не за отпосле да ја претворам во нешто друго, туку за да ја пренесам каква што е без задршка. Не сметам дека ранливоста ме дефинира, но сметам дека е многу важен дел од мене – таа ми помага да ги доживувам нештата околу себе толку силно. Некогаш тоа доживување е среќно, некогаш е несреќно. Често, кога е несреќно – добивам потреба да пишувам.  

Забележувам во твојата поезија дека понекогаш разговараш со твоите состојби како со личности – нешто истовремено надвор и внатре во тебе. Каква улога има поезијата во ваквата интроспекција и преку што се препознаваш самата себе?

Да, тоа е многу интересна забелешка. Мој драг пријател откако ја прочита збирката ми кажа дека му изгледа како постојано да се обидувам да влезам во главата на тој што го опејувам за да разговарам со него. И навистина е така, иако секогаш е безуспешно. Надоврзувајќи се на твојата забелешка, може да се каже дека и моите состојби ги доживувам како да се свои личности со сопствени мисли во коишто некогаш нема место за мене. Веројатно може да кажам дека моите песни се една (за мене) потребна, но за жал погрешна психоанализа на другиот.



Често кога ги гледам твоите илустрации и изработки, бидејќи работиш и како илустраторка и дизајнерка на твојот бренд “Моки”, забележувам една тивка смиреност, дури како утеха и прегратка кон самата себе. Се чини како цело време да носиш една убава носталгија. Дали преку творењето се потсеќаш на себеси и колку е важно тоа за тебе?

Вистина е дека сум носталгична личност, и тоа некогаш ме спречува потполно да уживам во сегашноста, затоа што знам дека во следниот момент веќе една сегашност ќе стане минато кое никогаш повеќе нема да се врати, и нема да можам ништо против тоа. Затоа ги архивирам моментите од мојот живот на различни начини, за јас да можам ним да им се вратам. Но и без да се трудам да ги архивирам, многу бои, текстури и мириси од мојот живот природно останале во мене, и кога од никаде ќе се сетам на нив – тоа сеќавање го претворам во некаква форма на уметност. Тоа се отсликува во „Моки“, точно. Во илустрациите има една носталгична нишка и не е секогаш врзана само со мојот живот, туку и со некое минато од кое воопшто не сум била ниту дел, но сепак чувствувам дека ми недостига.

Многу ми е убаво кога читам твои препеви, тоа ме инспирираше да се обидам и јас да направам некои препеви и ти благодарам за тоа. Како ги избираш поетесите/поетите чии песни се одлучуваш да ги препееш и кои се оние на кои најчесто им се навраќаш и најмногу сакаш да ги читаш?

Многу ме радува што препевите ти се допаднале и те поттикнале, ти посакувам уште многу препеви. Поетесите и поетите не ги бирам, се концентрирам на нивното име откако ќе завршам со читањето на нивни песни што ме поместиле целосно затоа што до толку ме освоиле. Во тој момент само сакам да го споделам она што го чувствувам со некој друг, притоа преземајќи ја задачата да го преведам на македонски јазик. Преведувам од лично задоволство кое сакам да го намножам. Веројатно песните што ги препејувам несвесно ги бирам според сопствениот сензибилитет. Преведувам нешта кои би сакала да ги напишам. Најмногу ме привлекува современа поезија со слободен стих.


Последниве години има еден голем наратив и притисок за продуктивност и константен прогрес, па доста луѓе се демотивираат и не се обидуваат ниту да творат. Дали си го осетила ова и ако да, на кој начин успеа да се справиш/ се справуваш? Каков ти беше процесот на создавање на твојата прва поетска збирка?

Од луѓето околу мене никогаш не сум почувствувала притисок за ништо во животот, само поттик и поддршка, и свесна сум дека таа слобода е вистинска привилегија. Сите околу мене знаат дека имам свој ритам. Некогаш сум нетрпелива, многу страствена, и не сакам да чекам ниту минута за нешто, но некогаш го земам времето за себе затоа што чувствувам дека на нешто внатре во мене му е потребно за спокојно да зрее. Така беше со збирката. Никогаш не пишував за да се натпреварувам со некој или со себеси, ниту за да се докажам некому. Всушност, никогаш не пишував за да напишам збирка. Пишувам кога навистина ми доаѓа тој набој. Пишувам отворено, сонливо и искрено, необременета од особена цел или амбиција. И во тоа нема ништо погрешно. Последниве две години чувствував дека стиховите се доволно зрели за да се најдат меѓу туѓите прсти, на хартија, и тоа се случи.

Јас сум активен човек, но не сум опседната со продуктивност. Она што го споделувам, дали е во вид на стих, цртеж или фотографија, го споделувам затоа што навистина сум почувствувала некаков импулс што треба да се материјализира. Мојата награда е неговото изделување од мене, за потоа природно да си го најде патот до луѓето. Јас не се пронаоѓам во романтизирањето на претераната продуктивност или во ненаситната амбициозност, можеби тоа некому му одговара, но дефинитивно не е за мене. За мене мотивација не се само пофалниците, признанијата, или чудењето кај другите за тоа како успеваш да најдеш време толку да твориш. За мене мотивација е и кога некој ќе ја препознае твојата искреност без да бидеш особено гласен или наметлив, и токму на неа ќе ѝ даде шанса.

За крај, што е она што те прави радосна?

Времето поминато со блиските луѓе. Времето поминато сама со себе. Бучавата од гласовите на блиските луѓе. Тишината кога сум сама со себе. 

  • Преземено од meduza.mk, за да пристапите кон оргиналниот пост притиснете на копчето подолу.
Shopping Cart
Scroll to Top