Што е Моки и како до тоа?

Отсекогаш сакав хартија. Сакав да цртам на неа, сакав да ја сецкам, сакав да ја лепам и правам колажи, сакав да виткам работи со неа или само да ја поседувам. Постојано правев нешто од неа. Пред едно одење на фамилијарен летен одмор во Ливадиште моите ме прашаа дали сум ги спакувала моите неопходни предмети, кажав отсечно „да“, и тука заврши разговорот. Не ме потпрашуваа многу бидејќи отсекогаш бев прилично сериозно дете, или народски познато како „старо-мало“, па можеше да ми се верува. Кога стигнавме во кампот и почнавме да се отпакуваме, од мојот ранец извадив прибор со џиновски, тешки ножици кои мислам дека оригинално беа кројачки и ги поставив на масата како магионичар кој од малата шапка извлекол триметарска марама, и ги опколив гордо со хартии во боја и зачудувачки голем број лепаци. Моите ме загледаа малку зачудено, ама не ми беше јасно зошто, па нели требаше да се спакуваат неопходните предмети?
Паметам дека со душа чекав да дојде нечиј роденден дома за да направам некаква честитка и да ја закачам на фрижидерот вечерта пред големиот ден. Тоа го правев најсуптилно што можев во темницата во кујната, се провлекував тивко како нинџа и ја закачував честитката на која беа залепени огромни светкави букви со еден од магнетите на вратата од фрижидерот. Честитките се отвораа и внатре задолжително имаа персонализирана авторска, духовита песна за татко ми или длабока порака за мајка ми. Наредното утро моето семејство ја наоѓаше честитката (мистериозно поставена на фрижидерот) и гордо ја поставуваше во дневната соба, потпрена на високата вазна на масата и таму седеше свечено целиот ден. Отпосле татко ми внимателно ја ставаше во папка и тој потег на архивирање ме правеше особено горда. Папката ја чува до денес и од време на време после неделниот ручек ја разгледуваме заедно.
Секогаш се чувствував наградено откако ќе направев нешто со вложени малку материјали и многу внимание. Се прашував како нешто толку мало, настанато од практично ништо, може некој толку да го израдува, и како може да ме израдува мене подеднакво, дури и малку повеќе. Така, палетата на моите рачни изработки се зголемуваше. Правев накит, предмети од глина, некогаш успешно – некогаш надежно, и ги подарував и на останатите блиски луѓе. Кога дознав дека нешто што возрасните го нарекуваа „хоби“, а за мене беше смислата на секојдневието всушност може да биде „вистинска“ работа, одлучив да создадам страна на која ги поставувам изработките, со надеж дека и на некој друг ќе му создадат радост како што му создаваа на мојот мал, доверен круг.
Со другарка ја отворивме страната која ја крстивме Doppio M (или на нашки – Двојно М, бидејќи имињата ни почнуваат на таа буква) и правевме изработки од глина која се суши природно и подоцна може да се бои со акрилни бои. Тоа траеше неколку убави години, исполнети со многу предизвици, обиди, грешки и упорност. Некои од моите пријатели сè уште ги чуваат малите и слатки беџови и секогаш кога ќе ги видам ме облева огромен бран задоволство.

Подоцна, со мој некогаш-близок човек ја отворивме страната Pocket Gallery (Џебна галерија), и на минијатурни канваси цртавме мали, симпатични цртежи. После неколку години продолжив сама и почнав да изработувам накит од полимерна глина. За мене тоа беше вистинско откритие. Правиш обетки, ги печеш во рерна (без многу да размислуваш дали секој ручек на твоите ставен отпосле во таа рерна има можност да прими некој токсин, ама се надеваш на најдоброто) и подоцна ги прелевав со епоксидна смола (во мојот фамилијарен дом сè уште има понекоја трага на паркетот од оваа сомнителна, леплива супстанца) и така добивав навистина, ама навистина убав производ. Приказната со Pocket Gallery ја заокружив кога сфатив дека повторно сакам да се фокусирам на мојата пасија – хартијата и зборовите.

Така започна приказната наречена Моки, во која сакав да се посветам примарно на креирањето честитки кои се инклузивни, едноставни и со кои луѓето ќе може да се поистоветат. Го добив на подарок првиот таблет за дигитално цртање од моите родители, и до ден-денес тој е за мене еден од највредните подароци. Не затоа што беше скап, туку затоа што значеше нешто многу важно – значеше доверба и поддршка од мајка ми и татко ми. Брендот го крстив Моки зашто така ме викаше баба ми Рада. Баба ми имаше најширок спектар на прекари, и еден од нив беше Моки. Отсекогаш ми звучеше симпатично, особено зашто сите до тој момент ме викале едноставно – Мони. Подоцна прекарот почна да го користи мојата некогаш-блиска личност и на тој начин се прошири и понатаму продолжи да живее. Ми беше важно овој спомен да продолжи да живее, па затоа го искористив.

Моки започна со цртање илустрации и пишување кирилични пораки кои јас самата сакав да ги сретнам во продавница. Сакав да има илустрации за сите, за секаква љубов, секаква радост и секоја болка. Иако имам уште долг пат за тоа, затоа што палетата на луѓето и емоциите се бескрајни, мислам дека колку-толку успевам во намерата. Во цртежите на Моки се забележува и една носталгична нишка и не секогаш е врзана само со мојот живот, туку и со некое минато од кое воопшто не сум била ниту дел, но сепак чувствувам дека ми недостига. За многу кратко време Моки стана моето прибежиште. Низ Моки, можам да бидам безгрижно своја и да ги пренесам сета конзервирана топлина и нежност кои ги имам за животот со сите негови недостатоци.

Работата е што, во мигот кога ќе видам дека некоја толку мала работа што сум ја создала, а што дотогаш не била таму, одеднаш направила некој да се почувствува добро, или воопшто – некој да почувствува нешто, си велам дека препуштањето на детскиот сон сепак се исплатело. Будењето на емоцијата кај другите луѓе е мојата најголема потврда дека правам нешто правилно. Сигурност, удобност и прифатеност се клучните пораки што сакам да ги пренесам. Без разлика дали се во вид на збор или цртеж на хартија или е принт на парче материјал. Кога луѓето добиваат картичка со мој цртеж и порака, или друг производ, сакам да се почувствуваат вредно и прифатено, со сите свои слабости и мани. Пред сѐ, сакам да се почувствуваат како да не се сами и да си дозволат, макар на кратко, повторно да се чувствуваат како дете.

Моки официјално започна во 2019та година, во моето мало сопче во Козле. Успевав да дизајнирам и печатам само по неколку картички, тефтерчиња, календари, коверти и стикери кои се продаваа за многу кратко време. Со текот на времето сакав да ја проширам палетата на производи. Почнав и да соработувам со Тања (родител на моја драга другарка) која до ден-денес ги крои производите од текстил. Кога се отселив од Козле, најдов стан кој го гледав како можност за студио (иако немаше услови за тоа) и го користев просторот најдобро што можев, особено дневната соба која на подот често имаше повеќе хартија отколку килими.

На почетокот од 2022ра, Моки беше официјално регистрирана фирма и моите ми го отстапија просторот во продавничката која се наоѓа во нашата семејна куќа и брендот доби свој дом во домот. Идејата беше на мајка ми, која ми предочи дека ако не сменам нешто – станот во кој живеев набрзо ќе личи повеќе на магацин отколку на живеалиште. Отворањето на продавницата е дефинитивно една од моите највредни одлуки во животот. Тука запознав прекрасни луѓе со кои создадов (природно) заедница, тие се мојот ветер во грб, заедно со моите пријатели и родители кои секојдневно ми помагаат, особено во последниот период кога брендот значително се разви (татко ми често знае да каже дека сум го претворила Моки во семеен бизнис, што звучи многу пофино од терминот „експлоатација на најблиските“). Всушност, продавницата во 90те била дуќан – колонијал на моето семејство наречен „Добро утро“, па за мене овој простор има и дополнително значење.

Се надевам дека оваа куса (или не толку куса) приказна со историјата на Моки можеби некако ќе ве инспирира. Работете најмногу што можете на детскиот сон, особено доколку тој детски сон се провлекува низ вас во моментите кога најмногу ви е потребно. Не заборавајте на детето кое некогаш бевте, затоа што сѐ уште сте, длабоко во себе, истото тоа дете, со шарени хартии и големи ножици, кое станува наутро со желба да создаде ремек-дело.
Shopping Cart
Scroll to Top